Хелсиншкиот комитет (ХК) на Македонија го објави Извештајот за состојбата со човековите права во Македонија за периодот април и мај 2014 година, во кој се констатирани бројни прекршувања на човековите права.
За време на изборниот процес на парламентарните и претседателските избори годинава, ХК забележал бројни кршења на избирачкото право како и дополнителни манипулации, уцени и закани кон гласачкото тело. Непосредно по завршувањето на изборите, според Извештајот на ХК, се случило и негирање на граѓанско-политичките права на опозиционерите, односно, потегот на враќање на мандатите на опозициските пратеници во јавноста бил претставен како потег за уривање на уставниот поредок на Република Македонија, што за Хелсиншки претставува сценарио кое дополнително може да го повреди правото на (не)членување во било која политичка партија.
Во извештајот, ХК забележува и институционален притисок кон телевизиите „Телма“ и „24 Вести“. Извештајот заклучува дека Агенцијата за аудиовизуелни медиуми преку високите казни кон телевизија „Телма“ јасно го покажува нејзиното непрофесионално работење, кое има за цел да ги стави под контрола независните медиуми.
„Тенденциозноста на Агенцијата, како и непрофесионалното работење на оваа институција, дополнително се согледува и во инсистирањето на претседателот на Советот на Агенцијата, без методолошка основа, во првиот извештај да биде додаден параграф кој се однесува само на телевизиите ,,Телма‘‘ и ,,24 Вести‘‘ стои во Извештајот.
За време на демонстрациите во Ѓорче Петров, ХК евидентирал примена на прекумерна сила од страна на припадниците на МВР. Освен прекумерната сила, полициските службеници насилно одземале и бришеле снимен материјал од неколку новинари со што сториле повреда на членот 16 од Уставот на РМ кој гарантира слобода на јавното информирање и пренесување информации. ХК исто така потсетува дека ваквиот однос кон новинарските екипи се повторува, а последен пат бил забележан при протестите за заштита на паркот спроти хотел „Бристол“.
Во извештајот на ХК опфатени се и судските процеси против Јован Вранишковски и Дејан Ставриќ, полициска бруталност кон деца Роми и др. Целиот извештај можете да го погледнете на следниот линк.