Народниот правобранител е најважната и клучна независна државна институција која треба да ги промовира и штити човековите права на граѓаните во Република Македонија.
Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамки на проектот „Граѓанско набљудување на Народниот правобранител“, од декември 2016 година, континуирано ја набљудува работата на Народниот правобранител.
Оваапубликација ги опфаќа извештаите (со мали надополнувања) објавени во периодот: декември 2016 – декември 2017 година, кои се однесуваат на:
- Измените и дополнувањата на Законот за Народен правобранител што стапија на сила во март 2017 година и тоа, пред сѐ, од апсект на неговите човечки и финансиски капацитети за реализација на широкиот дијапазон надлежности и функции;
- Измените на Законот за Народниот правобранител од февруари 2018 година;
- Функционирањето и капацитетите на регионалните канцеларии на Народниот правобранител;
- Искуствата и перцепциите на новинарите и граѓанските организации со Канцеларијата на Народниот правобранител;
- Присуството на Народниот правобранител во медиумските содржини.
За потребите на овие документи беа спроведени структурирани интервјуа со Народниот правобранител, замениците на Народниот правобранител, државните советници и лицето задолжено за односи со јавноста во Канцеларијата на Народниот правобранител. Направивме и шест фокус групи со новинари и граѓански активисти од Скопје, Битола, Штип, Тетово и Струмица, а ги анализиравме и законската регулатива за Народниот правобранител, годишните извештаи на Народниот правобранител за 2016 и 2017 година, систематизацијата на работните места, буџетот и други релевантни документи. Исто така, беше направен и мониторинг на присуството на Народниот правобранител во медиумските содржини, како и начинот на кој новинарите известуваат за неговата работа.
Публикацијата е поддржана од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Граѓански мониторинг на Народниот правобранител, април 2018
издавач: НВО Инфоцентар
ISBN 978-608-4594-17-8
COBISS.MK-ID 107025418