hatekeyboard

Говорот на омраза во медиумите: 10 прашања и 10 одговори

на јул 21, 16 • од

Во најширока смисла, говорот на омраза се употребува за сите форми на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција, врз која и да е дискриминаторска основа. Говорот на омраза е злоупотреба на слободата на изразување што се состои во повреда на правата на другите...
Pin It

Home » Активности, Слобода за слободата на изразување » Говорот на омраза во медиумите: 10 прашања и 10 одговори

1. Дали некој новинар бил осуден на смрт заради говор на омраза?

Јулиус Штрајхер – новинар, издавач и уредник – бил осуден на смрт на Нирнбершките процеси во 1946 година заради неговите написи кои ги објавувал во неговото популарно издание „Јуришник“ („Der Stürmer“). Издавачот на „Јуришник“ Јулиус Штрајхер бил обвинет поради злосторства против човештвото, како гласноговорник за уништување на Евреите. Обвинителот се обидувал да докаже дека Штрајхер во своите говори и написи „го инфицираше германскиот ум со вирусот на антисемитизмот“ и дека ги поттикнувал Германците активно да ги прогонуваат Евреите.

foto1

(фото 1: Сатанизација на Евреите во „Јуришник“)

Како клучни докази во процесот против Штрајхер, обвинителството приложило 26 написи (од август 1941 – септември 1944) од „Јуришник“ (дванаесет напишани од Штрахјер) во кои се барало уништување и истребување на Евреите.

 

На пример, написот на Штрајхер од 25-ти декември 1941 претставува школски пример за говор на омраза и пропаганда која сее ужас:
„Ако на опасноста од размножување на тоа божјо проклетство во еврејската крв конечно треба да му дојде крај, тогаш има само еден начин – истребување на тие луѓе чиј татко е ѓаволот.“

foto2

(фото 2: Демонизација на Евреите во „Јуришник“)

Евреите биле демонизирани како „луѓе чиј татко е ѓаволот“ и дехуманизирани како „божјо проклетство“ и опасност која треба да се отстрани со истребување. Во написот од февруари 1944 Штрајхер ги криминализирал не само Евреите, туку и оние што се однесуваат како нив, агитирајќи за нивно уништување: „Кој го прави она што Евреинот го прави е злобник и криминалец. А тој што го повторува и сака да го копира ја заслужува истата судбина – уништување, смрт.“

Исто така, обвинителството изнело како доказ и мноштво написи од „Јуришник“ пред 1941 год., како и негови политички говори во кои се агитира за уништување на Евреите.

Нирнбершките судии сметале дека „Штрајхеровото поттикнување на убиство и истребување во време кога Евреите на исток биле убивани во најужасни услови јасно конституира прогонување врз политичка и расна основа, во врска со воени злосторства… и конституира злосторство против човештвото.“

(видео од читањето на пресудата за Штрајхер)

Нирнбершкиот суд не утврдил директна врска помеѓу антисемитските написи во приватното списание „Јуришник“ и конкретен случај на насилство против Евреите. Според судиите, доволно било тоа што нашироко распространетиот „Јуришник“ инјектирал отров во умовите на илјадници Германци – отров кој предизвикал да ги поддржат националсоцијалистичките политики на прогонување и уништување на Евреите. Накусо, обвинетиот Штрајхер бил осуден за прогонување, бидејќи го поттикнувал германскиот народ на активно прогонување на Евреите, преку публикации кои поттикнувале на убиство и истребување.

2. Дали говорот на омраза може да претставува злосторство против човештвото?

И покрај тоа што најде дека самиот говор директно не убива, затвора или физички повредува, Трибуналот во Руанда констатираше дека говорите што биле емитувани од радио РТЛМ (од страна на новинари кои му биле подредени на обвинетиот сопственик), биле со тежина еквивалентна на другите злосторства против човештвото. Според Трибуналот, „таквите говори претставувале грубо кршење на правото на човечко достоинство на Тутсите, како и сериозно загрозување на нивната физичка и психичка безбедност“.

(видеото „Зборови што убиваат“, за улогата на медиумите и пропагандата во геноцидот врз Тутсите)

3. Дали сопствениците на медиуми се одговорни за говор на омраза?

Сопствениците на медиумите можат да се сметаат за одговорни за говор на омраза дури и ако говорот кој поттикнува на омраза или насилство е во рубриката „писма од читатели“. Сопственик на неделник во Турција бил осуден и парично казнет поради објавувањето на две писма на читатели во август 1992 година, за кои државата сметала дека претставуваат ширење сепаратистичка пропаганда, поттикнување непријателство и омраза, и оправдување терористички злодела.

Откако сопственикот поднел жалба, повикувајќи се на Европската конвенција за човекови права, Комисијата за човекови права утврдила дека јазикот користен во писмата може да се интерпретира како охрабрување на натамошно насилство. Притоа, одлуката на властите да го казнат сопственикот поради публикувањето на писмата (кои биле штетни за националната сигурност и за јавната безбедност) не била протолкувана како прекршување на неговото право на слобода на изразување.

Одбраната на казнетиот сопственик била дека гледиштата во писмата не биле негови, туку на читателите и дека самиот имал само комерцијална, а не и уредничка врска со неделникот. Но, Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права во својата пресуда не ги прифатил овие аргументи, сметајќи дека сопственикот имал моќ да ги обликува уредничките насоки на неделникот и дека подлежи на одговорност како уредниците и новинарите.

Според судот, иако сопственикот „не ги застапувал лично ставовите во писмата, сепак, на оние што ги пишувале писмата им обезбедил простор за поттикнување насилство и омраза.“
Прашањата за одговорноста на лицата што ги основаат, поседуваат, контролираат и уредуваат медиумите, повторно беа покренати за време на контроверзното судење на двајца основачи на радио (РТЛМ) и еден сопственик и уредник на весник (Кангура) од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда.

foto3

(Насловната страница на „Кангура“ која поттикнува на геноцид со употреба на мачета)

При судењето, судиите поаѓаа од претпоставката дека уредниците и издавачите се одговорни за медиумите што ги контролираат. Обвинетите беа осудени не само поради говорот на омраза, кој директно поттикнува на вршење геноцид, туку и за прогонување, односно, за медиумски содржини кои застапувале етничка омраза или поттикнувале на насилство кон Тутсите.

Оние што ги контролираат медиумите треба да се свесни дека говорот на омраза го повредува достоинството на членовите на нападнатата група, a ако поттикнува на насилство, го повредува и правото на сигурност на членовите на нападнатата група. Токму затоа, се одговорни да ги преземат сите мерки за да спречат говор на омраза во своите медиуми и да ги казнат оние уредници и новинари кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза, врз која и да е дискриминаторска основа.

4. Дали интернет-порталите можат да одговараат за говор на омраза во коментари на читатели?

Според одлуката на Европскиот суд за човекови права „Делфи против Естонија“, новинарските портали се одговорни и за преземање мерки за превенирање на објавување на незаконити коментари (вклучително и негативни коментари „кои можат да ги надминат границите на прифатливата критика и да го достигнат нивото на беспричинска навреда или говор на омраза“).

5. Дали некој новинар може да биде осуден за говор на омраза заради карикатура?

Во најширока смисла, говорот на омраза се употребува за сите форми на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција, врз која и да е дискриминаторска основа. Говорот на омраза е злоупотреба на слободата на изразување што се состои во повреда на правата на другите. Говорот на омраза не опфаќа само говор или пишан текст, туку може да опфати најразлични облици на изразување: јавно користење симболи на омраза (на пример, кукаст крст или запален крст), постери, флаери, карикатури, графити, музика, видеа, видео-игри или содржини објавени преку традиционалните медиуми или на интернет.

Многу од карикатурите објавувани во нацистичкото списание „Јуришник“ денес се сметаа за примери за говор на омраза.

foto4

(Карикатура во која Евреинот е претставен како „отровна змија“ која не треба да се остави да се измолкне, туку треба да се „задави до смрт“ – „Јуришник“, 1935)

6. Дали новинарите можат кривично да одговараат во Република Македонија за говор на омраза и дали има новинари кои се осудени за говор на омраза?

Во Кривичниот законик на Република Македонија има посебно кривично дело за „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (чл. 394 г)“. Со најновите измени, ова дело не опфаќа само забрана на јавно ширење преку компјутерски систем на расистички и ксенофобичен материјал туку и на содржини што помагаат, промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство против кое било лице или група, врз која и да е дискриминаторска основа. Забраната се однесува и на јавното ширење на говор на омраза преку други средства за јавно информирање.

Со најновите измени во Кривичниот законик се казнува не само предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и верска основа, туку и врз друга дискриминаторска основа.

Кривичниот законик забранува јавно негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства по пат на информациски систем, дури и кога се врши без намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство.

Досега во Македонија нема новинари кои биле кривично осудени за говор на омраза.

7. Дали новинарите можат да одговараат во Република Македонија за говор на омраза како форма на дискриминација и дали имало постапки против новинари и медиуми?

Говорот на омраза може да се толкува и како форма на дискриминација. На пример, Трибуналот во Руанда во пресудата против медиумските сопственици забележа дека „говорот на омраза што таргетира популација врз основа на етникум или која и да е друга дискриминаторска основа, го прекршува правото на почитување на достоинството на членовите на таргетираната група како човечки суштества, па затоа претставува „актуелна дискриминација““.

Во Законот за спречување и заштита од дискриминација со глоба се казнува и секое повикување и поттикнување на дискриминација. Како дискриминација се смета и секоја активност со којашто некое лице директно или индиректно повикува, охрабрува, дава упатства или поттикнува друго лице да изврши дискриминација. Во Законот за спречување и заштита од дискриминација постои одредба дека „Вознемирувањето и понижувачкото постапување претставува повреда на достоинството на лице или на група на лица што произлегува од дискриминаторска основа и што има за цел или како резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.“

На крајот на 2014 година Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) утврди дека има дискриминација во медиумски прилог на ТВ „Сител“ од 2012 во кој се тврдеше дека „на хомосексуалците им е потребна професионална и медицинска помош, наместо законска помош“.

КЗД експлицитно утврдува дека изразите „на хомосексуалците им е потребна професионална и медицинска помош, наместо законска помош“ се многу „флагрантни и следат неоправдан јазик на омраза“ и дека прилогот „предизвикува предрасуди и го нарушува достоинството на лицата врз основа на сексуална ориентација“.

КЗД утврди дискриминација и во случајот на хомофобичната кампања на насловните страници на „Вечер“ од октомври 2012. На 13-14 октомври, 2012 г., „Вечер“, на насловната страница, објави две порнографски фотографии и текст со наслов „Геј-бракови во Македонија нема да има“. И во 2009 година „Вечер“ објавуваше порнографски фотографии, за што беше критикуван од „Советот на честа“ на ЗНМ за поттикнување на омраза:
„Посочениот текст во весникот „Вечер“ и фотографииите со која е опремен е еклатантен пример како се поттикнува омраза кон одредена група која не е во мнозинство. Со употреба на порнографски елементи се испраќа пораката дека сите хомосексуалци се такви како тие на фотографијата и дека тоа е суштината која нив ги одредува. Таа фотографија е избрана за да поттикне омраза, гадење, таа го вперува прстот во хомосексуалците и сите кои се против нивната дискриминација како „луѓе од другата страна“ на моралот.“

8. Како треба да реагираат новинарите и уредниците на говор на омраза?

Во едно објавеното мислење на официјалната веб-страница, КЗД посочува дека „Слободата на говорот не е неприкосновена слобода, во апсолутна смисла на зборот“ и дека „Истата е ограничена во цела низа случаи, вклучувајќи поттикнување на омраза, говор на омраза, но и доколку се злоупотребува за иницирање, поттикнување и повикување на дела од омраза“.
Според КЗД, новинарите и уредниците „треба да се способни да препознаат дискриминација, дискриминаторски практики, како и да се дистанцираат и остро да го осудат секој говор на омраза“.

Кодексот на новинарите на Македонија ги обврзува да не говорат со јазикот на омразата:
„Новинарот нема свесно да создава ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискри- минација врз која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Во прирачникот за етиката во новинарството стои дека „говорот на омразата е неспоив со новинарската етика“ и дека „Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.“

(видео: Уредниците за говорот на омраза)

9. Пред кои тела граѓаните можат да се обратат во случај на говор на омраза од страна на новинар(к) и медиуми?

Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги врши надзор во поглед на говор на омраза.

На пример, со вонреден надзор на неколку по ред изданија на емисијата „Миленко Неделковски шоу“, агенцијата констатираше дека ТВ Канал 5 го прекрши член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со тоа што последователно носел уреднички одлуки да му овозможи на авторот на емисијата да поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација.

Исто така, Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги има издадено „Водич за мониторинг на говор на омраза“, во кој се дава посебен осврт на клучните прашања: Кој бил контекстот на изразувањето? Кое е лицето одговорно за изразувањето? Дали постоела намера за провоцирање на говор на омраза? Што е содржината на изразувањето? Кои биле степенот и опсегот на изразувањето? Колкава била веројатноста да се влијае врз публиката и нејзините идни дејствија?

И Комисијата за жалби при Советот на етика за медиумите има утврдено говор на омраза во неколку случаи.

10. Дали новинарите се жртви на говор на омраза во Македонија?

Говорот на омраза кон новинарите е сериозен проблем во Република Македонија за кој неодамна реагираше и ОБСЕ.

ОБСЕ реагираше на изјавата на новинарот Миленко Неделковски според која голем број лица, повеќето новинари и политичари, треба „да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана, бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, укажувајќи дека ја надминал црвената линија во говорот на омразата, што е дејство што не смее да се толерира.

И ЗНМ реагираше на пишувањата на Миленко Неделковски од декември лани, со кои експлицитно на новинарите им се заканува со линчување и покривање со бетонска плоча. ЗНМ го обвини обвинителството кое не покрена постапка против Неделковски дека се обидува да ги штити од прогон пропагандистите на власта и тогаш кога очигледно се закануваат со насилство и шират омраза: „Станува јасно дека смртните закани кон новинарите се порачани од врвот на власта, која го користи Неделковски како мегафон да предизвика страв и несигурност кај новинарите и да ги одврати од намерата да пишуваат за нејзините недемократски практики на владеење. Исто така, власта преку агресивна медиумска кампања сака да ја наруши довербата и кредибилитет на сите новинари што ја критикуваат неа.“

Уште во 2009 ЗНМ реагираше против говорот на омраза кон новинари од страна на новинари: „Прогласување на предавници, именување и објавување на списоци е чин кој драматично наликува на времињата на најцрниот тоталитаризам.“ (Совет на честа при ЗНМ, 18 Декември 2009). Тогаш, Советот на честа при ЗНМ застана во одбрана на новинарската професија и најостро ја осуди „се позачестената пракса на неаргументирано етикетирање на новинари како „предавници“ само затоа што некои нивни ставови не се совпаѓаат со ставовите на одредени групи или центри на моќ.“ Повод за оваа реакција беше текстот „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ во кој е наведен список на луѓе, јавни личности и новинари, кои без било какви докази беа прогласени за платеници за ширење на пропаганда „со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјава“. Притоа, беше укажано дека сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана упатена до лицата кои се именуваат како предавници дека „раката на Македонецот ќе ве стигне кај и да е“.

Во 2010 година, говорот на омраза и повиците за ликвидација од страна на Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” беа повторно осудени не само од ЗНМ, туку и од страна на Европската федерација на новинарите. ЗНМ ги осуди „јавните настапи на телевизискиот водител Миленко Неделковски, неговите објави на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари што треба да бидат елиминирани само врз основа на “критериумите” на Неделковски и неговите истомисленици.”

Европската федерација на новинари  исто така го осуди „телевизискиот повик за насилство врз новинари во Македонија”. Генералниот секретар на ЕФН укажа дека станува збор за смртно сериозен повик кон луѓето да извршат насилство врз новинари, и во која се појаснува дека “Контроверзата еруптираше откако Миленко Неделковски, телевизиски презентер на Канал 5 објави листа на новинари “предавници” минатата седмица и отворено повика на нивно физичко елиминирање.” Европската федерација на новинари тогаш ги обвини македонските власти за „скандалозна небрежност“ за безбедноста на новинарите откако полицијата и јавните службеници не интервенираа по поттикнувањето на насилство против новинари откако на ТВ беше објавена листа на таргетирани новинари кои беа обвинети за предавници и беше упатен повик за нивна „ликвидација“. Генералниот секретар на ЕФН Аидан Вајт изјави дека властите мора да дејствуваат против таквиот говор на омраза:„Новинарите никогаш не смеат да поттикнуваат акти на насилство. Тие што се одговорни за тоа треба да одговараат согласно законот.“

На 02.12.2011 СРД ја казни ТВ Канал 5 со два дена забрана за емитување реклами и телешопинг поради програмски содржини што содржеле говор на омраза во „Миленко Неделковски Шоу“ (емитувана на 18 ноември 2011). Во стручната анализа СРД констатира дека „…гледачите можат само да чујат кои новинари, според Неделковски, се предавници, платеници, полициски доушници и тастери, поради што се добива впечаток дека истите тие новинари се виновни поради тоа што мислат или дејствуваат поинаку од водителот на емисијата“.  Според истата анализа на СРД, „При етикетирањето и стигматизирањето на своите неистомисленици – пред сѐ, една група новинари – Миленко Неделковски покажува отворена нетрпеливост со елементи на говор на омраза и креира непријателска атмосфера.“
Во 2014, „Фронтот за слобода на изразување“ јавно го осуди силеџискиот атак на Миленко Неделковски врз учесници на јавна ТВ-дебата пред изборите, со зборовите „Дојде време за метак у чело. Нема друг лек. Мора да се исчистиме од баграта“. По изборите, истата јавна личност, на својот портал, објави уште една листа на медиуми, новинари и политичари, повикувајќи на „Сечење на чировите“. Групата на именувани медиуми и новинари се наречени „куп на педери што работат за интересите на грчката влада и грчките тајни служби“ и „странски платеници“.

Ни ваквиот говор на омраза кој отворено поттикнува насилство кон медиуми и новинари не беше јавно осуден ниту од страна на претседателот, премиерот и министрите, кои се редовни гости во емисијата на „Миленко Неделковски шоу“.

Жарко Трајаноски

__________________________________________________________________

Прилогот е подготвен како дел од проектот „Застапување за слобода на изразување“ на НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на прилогот е одговорност на „Слободна Македонија“ и на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Линк до прилогот на Слободна.мк.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top