tribunas

Формиран е симболичкиот суд на правда на граѓанското општество – Tribunus Civilis

на дек 19, 15 • од

Tribunus civilis ќе биде важен катализатор на транзитирањето и демократизацијата на македонското општество и има намера да врши притисок врз партиите, во насока тие да не ја заборават правдата. Судот ќе ја реанимира улогата на граѓанското општество во Македонија и ќе го постави како главен фактор наспроти државата и партиите...
Pin It

Home » Граѓанска сцена, Слобода за слободата на изразување » Формиран е симболичкиот суд на правда на граѓанското општество – Tribunus Civilis

Нефункционалните институции што ја испразнија можноста од донесување правда во македонското општество упатуваат на потребата од мобилизација, апел и делување кон повторното воспоставување на правдата. Дополнително, неизвесниот исход од политичката криза во македонското општество создаде простор и време за ново промислување на улогата на граѓанскиот сектор во политичките процеси.

Водејќи се од овие координати на актуелната политичка ситуација, се формираше Симболичкиот суд на правда на граѓанското општество – Tribunus civilis, и работи со полна пареа. Во неговата работа учествуваат личности што се истакнале со својот професионален и човечки кредибилитет, меѓу кои има адвокати, јавни интелектуалци, професори, лекари, новинари, граѓански активисти, студенти, претставници на невладини организации и други граѓани.

Иако Tribunus civilis нема никакви правни и извршни ингеренции, на едно симболичко рамниште, тој ќе работи од името на граѓаните и само за граѓаните, а со цел правдата да добие минимална видливост.

Tribunus civilis ќе биде важен катализатор на транзитирањето и демократизацијата на македонското општество и има намера да врши притисок врз партиите, во насока тие да не ја заборават правдата. Затоа, ќе работи целосно независно од партиските преговарања. Судот има намера целосно да ја реанимира улогата на граѓанското општество во Македонија и него да го постави како главен фактор наспроти државата и партиите.

Функционирањето на Судот го следи примерот на Раселовиот трибунал, во насока да процесуира симболичка, но транзициска правда. Симболичките судови се формираат, вообичаено, кога во некое општество ќе настапат вонредни околности поради кои се деформирал демократскиот принцип, па настанале такви ситуации од кои произлегуваат контроверзните теми и дилеми. Таква е ситуацијата и со македонското општество. Имено, македонското општество мора да се соочи со својата мрачна страна, а дијаболичните егзибиции никако не смеат да бидат заборавени. Судот ќе ги отвори темите што „се пикаат под килим“. Судот ќе документира едно време на неправда, која не смее да се заборави. Tribunus civilis секогаш ќе суди симболички, во еднодневни сесии. На сесиите ќе се покренуваат обвиненија, ќе се сослушуваат сведоци, ќе има и можност за одбрана. Сесиите ќе може и да се следат во живо преку „livestreаm“, или да се прегледуваат на „Јутјуб“. Во тек е подготовка и на веб-страница. Јавноста ќе има можност да следи, но и да учествува активно во ова симболично процесуирање на правдата.

Tribunus civilis нема ексклузивистички претензии и има и свои меѓународни пријатели, кои го поддржуваат трибуналот и придонесуваат во неговата работа. Па така, на некои од претстојните сесии тие ќе учествуваат, и тоа во својство на сведоци; станува збор за странски експерти и јавни интелектуалци.

Tribunus civilis, за почеток, ќе се занимава со кривичните дела за кои јавноста се запозна преку т.н. „бомби“. Но, неговата улога нема тука да застане, напротив. За оваа првична задача на судот, распределени се четири поголеми кластери на кривични дела (КД), кои произлегоа од „бомбите“: КД поврзани со изборни измами; КД поврзани со полициска бруталност и пречекорување на надлежности на МВР; КД за нарушување на уставниот поредок – мешање на властите; КД поврзани со корупција и предизвикани од лукративни мотиви. За секоја група на овие КД, ќе се екипираат тимови од симболички судии и истражители, сведоци-експерти и граѓани инволвирани во настаните.

Првата сесија на симболичното судење на Tribunus civilis ќе се одржи многу скоро, непосредно пред божиќните празници.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top