НВО Инфоцентарот започна со реализација на новата програма Young Media Watchdogs –медиумско описменување, критичко размислување и аргументирано коментирање за средношколци и студенти.
Во рамките на програмата, НВО Инфоцентарот, во соработка со Младинскиот образовен форум и Центарот за нови медиуми, организира тринеделна работилница, на кој средношколците и студентите ќе се запознаат со македонската медиумска сцена, пропагандата и политичкиот маркетинг. Учесниците ќе развијат критички пристап кон понудените информации, ќе стекнат способности за аргументирано коментирање на медиумската понуда и ќе научат како преку користењето на новите медиуми (блоговите), своите коментари и ставови да ги презентираат јавно.
Првата, од предвидените четири работилници, ќе се одржи од 11 до 29 март, 2008 година, со 12 учесници.
На работилницата ќе се обработат темите:
- Вовед: Пропаганда и медиуми - Билјана Бејкова, НВО Инфоцентар
- Политика, медиуми и јавно мислење - Марко Трошановски, Институт за демократија
- Критичко мислење и медиуми - Павлина Каранфилова, НВО Инфоцентар
- Дебата, аргументирање и критичко размислување - Марјан Забрчанец и Бојан Маричиќ, Младински образовен форум
- Нови медиуми - Дарко Булдиоски, Центар за нови медиуми
По завршувањето на серијата од четири работилници учесниците заинтересирани за понатамошна соработка ќе можат своите коментари да ги објавуваат на новиот Young Media Watchdogs блог. Објавувањето на комантари и ставови ќе се одвива под континуирано менторство на Дарко Булгиоски, Марјан Забрчанец и Бојан Маричиќ.
Овој проект е делумно поддржан со грант на Амбасадата на САД во Скопје, Република Македонија. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на авторот(ите), и не значи дека тие се одраз на ставовите на Стејт Департментот или Владата на САД.
|