Центарот за развој на медиуми, од февруари 2013, до декември 2014 година, постојано ги набљудува судските постапки против новинарите и медиумите, поведени според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој беше донесен во ноември 2012 година.
Во овој речиси двегодишен период, ЦРМ во Основниот суд Скопје 2 Скопје, набљудуваше 74 судски случаи (во кои се вклучени новинари, но и државни функционери и политичари), во околу 350 рочишта. Дури 16% од вкупниот број мониторирани процеси се тужби на новинари против новинари, уредници и медиуми. Во 7 случаи како тужител се јавува Драган Павловиќ-Латас, а во останатите 5, како тужител се јавува Ивона Талевска.
Пред првостепениот суд завршени се 43 односно 58% случаи, а во само 5 (11%) постапки е утврдена одговорност за навреда и клевета. За исто толкав број предмети – 5 (11%) – Апелациониот суд сеизјасни односно одлучи по поднесените жалби.
По две години од декриминализацијата на навредата и клеветата, можеме да констатираме дека постои драстична разлика во постапувањето на судиите, кога станува збор за процеси во кои како странки се јавуваат политичари/државни функционери, наспроти случаите во кои нема нивна инволвираност, ниту како тужители, ниту како тужени. Кога во случаите како една од странките се јавува државен функционер или политичар, видливо е дека тие се одвиваат побрзо, односно видлива е тенденцијата за поитно постапување на судот. Исто така, во ваквите случаи примената на Европската конвенција и праксата од Стразбур, која меѓу другото предвидува носителите на јавни функции да имаат поголем праг на толеранција во однос на критиките, е недоследна и е во насока на целосна заштита на честа и угледот на функционерите, а на штета на слободата на изразување.
Анализата на правосилните пресуди покажува дека судот не го препознава јавниот интерес, а при утврдувањето на надоместоците воопшто не води сметка дека тие се високи и дека предизвикуваат „оладувачки ефект“ врз истражувачкото новинарство и врз слободата на изразување воопшто. Судот наместо да ја штити слободата на изразување, дополнително ја загрозува со тоа што, од една страна, ги штити функционерите и власта, а од друга страна, ги казнува новинарите, ги доведува критичките медиуми до работ на нивниот опстанок, и ги засилува стравот и самоцензурата.
Декриминализацијата на навредата и клеветата, овозможи постапките пред граѓанскиот суд да бидат пократкотрајни, но не и поекономични. Во споредба со таксите пред кривичниот суд, таксите за тужба, одлука и жалба, пред граѓанскиот суд се драстично поголеми. Ова претставува дополнително оптоварување за новинарите, уредниците и медиумите кои и онака се соочени со голем број тужби и високи надоместоци за нематеријална штета. Тие уште пред да поднесат жалба се соочуваат со дилемата што им е поисплатливо, да го платат надоместокот за нематеријална штета и да не се жалат до второстепениот суд или пак, да се жалат и да ризикуваат да изгубат и да имаат огромни трошоци. Нивната дилема ја засилува и фактот дека доколку го изгубат предметот ќе треба да ги платат своите, но и трошоците на тужителот.
Имајќи го предвид сето ова, ЦРМ смета дека двојните аршини во постапувањето на судиите, целосната неоснована заштита на честа и угледот на функционерите и непочитувањето на Европската конвенција и праксата на Судот во Стразбур, сериозно ја загрозуваат слободата на изразување во Македонија, и го наметнуваат прашањето за (не)зависноста на судската власт во државата, како и за квалитетот на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Центарот за развој на медиуми, го спроведува овој мониторинг во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера.