Вакцините обично се резултат на долгогодишно истражување и тестирање пред да стигнат до населението, но во 2020 година научниците започнаа трка за производство на безбедни и ефикасни вакцини за коронавирус за рекордно време.
Истражувачите, во моментов, тестираат 80 вакцини на клинички испитувања врз луѓе, а 23 ги достигнаа последните фази на тестирање. Околу 77 предклинички вакцини се под активна истрага кај животни. Најмалку 141 држава во светот ја почна вакцинацијата против КОВИД 19.
Одобрени се само седум вакцини и администрирани се повеќе од 540,9 милиони дози ширум светот, што е еднакво на 7,0 дози за секои 100 луѓе. Веќе постои голем јаз меѓу програмите за вакцинација во различни земји. Некои веќе ја примаат втората доза, а во други земји се уште голем дел од населението не ја примиле ни првата доза.
Додека дозите на вакцини остануваат релативно оскудни на глобално ниво, повеќето земји ги насочија своите први напори за вакцинација кон приоритетни групи како хронично болните, луѓе на возраст над 60, 70 и повеќе години и медицински персонал од првата линија, како лекари и медицински сестри.
Израел ја вакцинира својата популација побрзо од која било друга земја, со администрирани 111,7 дози за секои 100 луѓе.
Фази на испитување на вакцината
Во прва фаза се 25 вакцини
Фаза 1 – Испитување на безбедноста: Научниците им даваат вакцина на мал број луѓе за да ја тестираат безбедноста и дозата, како и да потврдат дека го стимулира имунитетот.
Во втора фаза влегоа 33 вакцини
Фаза 2 – Проширени испитувања: Научниците им ја даваат вакцината на стотици луѓе поделени во старосни групи, за да видат дали вакцината дејствува поинаку кај нив. Овие испитувања дополнително ја тестираат безбедноста на вакцината.
Во трета фаза се 23 вакцини
Фаза 3 – Испитување за ефикасност: Научниците им даваат вакцина на илјадници луѓе и чекаат да видат колку ќе се заразат, во споредба со волонтерите кои примиле плацебо. Овие испитувања можат да утврдат дали вакцината штити од коронавирус, мерејќи ја познатата стапка на ефикасност. Испитувањата во Фаза 3 се исто така доволно големи за да откријат докази за релативно ретки несакани ефекти.
Авторизирани се 6 вакцини
Рано и ограничено одобрување: Многу земји имаат процедури за обезбедување итни одобренија за вакцини, засновани врз прелиминарни докази дека се безбедни и ефикасни.
Одобрени се 7 вакцини
Одобрување: Регулаторите ги разгледуваат целосните резултати од испитувањата и плановите за производство на вакцина и одлучуваат дали ќе дадат целосно одобрување.
Одбиени се 4 вакцини (одбиени за употреба по испитувањата)
Паузирана или отфрлена: Ако истражувачите забележат загрижувачки симптоми кај волонтери, тие можат да го паузираат испитувањето. По дополнителни истраги, испитувањето може да продолжи или целосно да се отфрли. Истражувачите почнаа да ги комбинираат фазите на исппитување како еден од начините да се забрза развојот на вакцини. Некои вакцини сега се во фаза 1/2 испитувања.