mreza-za-zastita-od-diskriminacija

Дискриминаторска студиска програма на Институтот за семејни студии

на јун 18, 14 • од

Мрежата за заштита од дискриминација реагира на отворањето Семејни студии при Филозофскиот Факултет во Скопје. Отварањето на семејните студии и суспендирањето на родовите студии претставува индикатор дека УКИМ ги поддржува владините конзервативни политики, иако улогата на Универзитетот е да гради автономна, современа и критична научна мисла...
Pin It

Home » Граѓанска сцена » Дискриминаторска студиска програма на Институтот за семејни студии

Семејните студии се отвораат на Филозофскиот Факултет паралелно со ставањето во мирување на родовите студии, агресивни владини кампањи за традиционални семејни вредности, кампањи за трето дете, вознемирувачки владини кампањи против абортус и секако самото носење на новиот Закон за прекинување на бременоста со кој се ограничи пристапот до легален и безбеден абортус.

Судејќи според контекстот, отворањето на семејните студии и суспендирањето на родовите претставува индикатор дека најстариот универзитет – „Св. Кирил и Методиј“ ги поддржува владините конзервативни политики, иако улогата на Универзитетот е да гради автономна, современа и критична научна мисла.

Мрежата за заштита од дискриминација смета дека објавената програма на семејните студии е дискриминаторска по повеќе основи и тоа брачен и здравствен статус, сексуална ориентација и род. Уште во самата студиска програма, во описот на целите и содржините на некои од наставните предмети видливи се хомофобични ставови, истакнување на улогата на жената (но не и на мажот) во семејството и приватната сфера, третман на „хомосексуализмот“ и разводот на брак како социо-патолошки појави, нееднаков третман на хомосексуалноста и хетеросексуалноста, третирањето на зависноста од дроги како девијација, а не како здравствен проблем итн. Литературата која е задолжителна во два од наставните предмети (Развој на децата и адолесцентите во семејството и Развој на возрасните и стареење во семејството) е предмет на претставка пред Комисијата за заштита од дискриминација поради хомофобичните содржини, хетеросексизмот и пропагирањето на религиозни догми.

Потенцираме дека Комисијата за заштита од дискриминација веќе ги има препознаено како дискриминација и вознемирување ваквите содржини во учебниците Педагогија, Медицинска Психологија и Психијатрија Том 1 и Том 2 и истите содржини се повлечени од употреба. Според досегашната пракса на Комисијата за заштита од дискриминација и на Мрежата за заштита од дискриминација сметаме дека креирање на студиски програми и употреба на литература со дискриминаторска содржина е во спротивност со досегашните напори да се отстранат ваквите содржини и дискриминацијата од образованието.
Бараме до надлежните органи, особено Одборот за соработка и доверба со јавноста и Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, но и Комисијата за заштита од дискриминација, да реагираат во рамките на сопствените надлежности, да направат анализа на програмата и да препорачаат/наложат отстранување од содржини кои се дискриминациски кон жената, ЛГБТИ лицата и останатите маргинализирани заедници.

Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна а следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Ромска Организација за мултикултурна афирмација РОМА С.О.С. – Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top