Мониторинг на 16 медиуми, март – ноември 2017
НВО Инфоцентарот во континуитет ги набљудува и анализира содржините објавени во медиумите посветени на темата „десоросоизација“ односно на континуираната хајка и нападите врз граѓанските организации, Фондацијата Отворено општество Македонија (FOOM), Џорџ Сорос, УСАИД, амбасадорот на САД во Реублика Македонија, Џес Бејли и др.
Овој извештај се однесува на периодот, март – ноември 2017 година, а мониторингот ги опфати централните вести на телевизиите: ТВ 24, Телма, Сител, МРТ1, Алсат М, Канал 5, Алфа и ТВ 21; дневните весници: Слободен печат, Вечер и Дневник[1] (нивните интернет-страници/ електронски изданија) и порталите: А1он, Плусинфо, Република, Курир и НоваТВ.
Клучни наоди:
- Во првите четири месеци од мониторингот, односно од март до јуни, беа објавени дури 76% од содржините или во просек 7 прилози дневно.
- По формирањето на Владата предводена од СДСМ, интензитетот на написи и прилози драстично се намали (во просек 2 текста дневно), но хајката и натаму продолжи.
- Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ објавија 80% од вкупниот број текстови односно во просек објавуваа 3 прилози дневно, а во првите 4 месеци, овој просек се искачуваше и до 6 прилози дневно.
- Од нив, најголем број објави имаат: Република (23%), Курир (21%), Вечер (12%) и Дневник.(9’%).
- Од критичките медиуми најмногу содржини објавија: А1.он (6,5%), Плусинфо (4%), НоваТВ (3%) и Слободен печат (3%).
- Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, заедно со оваа партија и иницијативата СОС, водеа жестока „црна“ кампања против Џорџ Сорос, Фондацијата Отворено општество Македонија, граѓанските организации, активистите, УСАИД, амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и др.
- Според овие медиуми, најголеми непријатели на Македонија се Џорџ Сорос, неговата фондација и граѓанските организации.
- Најголемиот дел од прилозите објавени во медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ беа анонимни и често пати еден ист текст беше реобјавуван во различни портали и весници.
- Критичките медиуми, пак, претежно ги објавуваа реакциите и демантите на нападнатите страни, а редовно информираа и за текот на инспекциите и истрагите врз граѓанските организации, иницирани и оркестрирани од страна на поранешната власт.
[1] Дневник редовно се следеше до неговото згаснување во јуни 2017 година.