НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“, поддржан од Амбасадата на САД, на 29 јануари 2021 година (петок), на платформата ЗУМ, организираше јавна дебата: „Една година од Законот за инспекциски надзор – искуството на инспекциските служби во општините“
На дебатата која ја модерираше Васко Маглешов, меѓу другите, учестваа: Методија Димовски и Благоја Гешоски, членови на Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија; Горан Трајчевски, раководител на сектор Инспекторат на Град Скопје; Бобан Бојковски, раководител на секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово; Славица Переска, раководителка на одделението за инспекциски надзор во Општина Велес; како и инспектори и претставници од други општини Битола, Штип, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Виница, Кратово, и др.
Дискусијата се однесува на тоа дали и како се спроведува новиот закон за инспекциски надзор на локално ниво; дали новата законска рамка ја подобри ефикасноста и компетентноста на инспекторите; како се одвива процесот на лиценцирање; кои законски решенија се покажаа добри и применливи, а кои покажаа слабости; дали се потребни законски измени и дополнувања, и др.
Учесниците истакнаа дека Законот донесе подобрување во работата на локалните инспектори (лиценци, покачување на платите и др.), но дека се уште има пропусти и слабости кои треба да се надминат или коригираат. Законската регулатива и натаму е нехармонизирана, обуките на инспекторите не се организирани и спроведени според очекувањата и реалните потреби,општините и натаму се соочуваат со недоволен број инспектори и капацитети за ефикасно организирање и функционирање на инспекциските служби, меѓуопштинските договори се се уште главно декларативни.
На дебатата беше констатирано дека дискусијата за подобрувањето на ефикасноста и независноста на инспекциските служби на локално ниво треба да продолжи и на тој начин да се засили притисокот врз релевантните институции.
Сите учесници беа едногласни во тоа дека проектот на НВО Инфоцентар овозможи засилување на дебатата, но и подобрување на двонасочната комуникација и соработка меѓу Инспекцискиот совет со општинските инспекциски служби.