Според експертите на дебатата „Прочистен избирачки список – (не)возможна мисија?“ хаосот во базите со податоци кои не се ажурирани со години е многу тешко да се расчисти. На дебатата која денеска се одржа во ГЕМ клубот како заокружување на серијата дебати низ шест градови во Македонија, учествуваа екс министерот на МВР Оливер Спасовски, Џабир Дерала од „Цивил“, Дарко Алексовски од „МОСТ“, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар и Дончо Герасимов од Државниот завод за статистика.
Според Дарко Алексов од Мост хаосот во избирачкиот список е директна последица од застарените и нефункционални бази на податоци, а довербата на граѓаните во ДИК постојано опаѓа поради непринципиелноста која ја покажа Комисијата кога граѓаните доставуваа претставки, а ДИК ги игнорираше.
- Проблемот со идејата за вкрстување на податоците беше тоа што кај нас институциите не работат по ист систем и немаат компатибилни бази за да можат да се вкрстат податоците. Потребен ни е систем кој унифицирано ќе ги агрегира податоците од секој граѓанин. Во моментов ние имаме системи кои се нефункционални и отворени за злоупотреба – рече Алексов.
Тој истакна и дека ако се земат предвид сите наталожени проблеми, избори се можни дури напролет следната година.
- Кога ќе ги собереме сите проблеми, очигледната последица е дека нема да можеме да ги средиме сите работи ниту до евентуален ноемвриски изборен процес, а најверојатно не и до мартовски/априлски изборен процес – рече Алексов.
Поранешниот министер на МВР, Оливер Спасовски, рече дека немањето политичка волја да се организираат фер и демократски избори е клучната причина поради која елитата на власт не се труди да го прочисти избирачкиот список и понатаму останува со застарените системи кои се злоупотребуваат.
- Ако сакаме целосно да го прочистиме списокот ќе мора да направиме многу реформи во институциите, а за таа цел мора да ги деполитизираме и декриминализираме. Се додека во МВР има началници со фалсификувани дипломи, не можеме да зборуваме за декриминализација на институциите и прочистување на избирачкиот список – вели Спасовски.
Дончо Герсимовски од Државниот завод за статистика, вели дека неусогласените системи, несоодветните закони и нередовното водење на регистри се клучните проблеми.
- При несоодветни закони и бази на податоци, неводење регистри, се доаѓа до неточни резултати и тоа се покажа со административните и теренски проверки. Со години да не заведувате починати лица е бесмислено. Со години да не вршите промена на адреси, улици и куќни броеви е неприфатливо. Поради институциите во системот кои не функционираат, сега имаме по 30, 50 па и сто гласачи на една адреса – рече Герасимовски.
Билјана Бејкова пак, од НВО Инфоцентар, вели дека преку разговорите со граѓаните и оние кои што биле директно вклучени во теренските проверки низ повеќе градови во државата, се дошло до заклучок дека довербата во Државната изборна комисија е сосем опадната, а тоа е резултат на неажурноста и пропустите кои ДИК ги манифестира веќе долг период.