Македонскиот центар за европско оразование (МЦЕО), НВО Инфоцентарот и Осми Септември, на 5 ма 2016 година, во рамки на проектот „Граѓаните за демократски реформи“, организираа дебата „Нов приод за Македонија: Морковот и стапот за решавање на политичката криза“, на која говореа: Ерван Фуере, Питер Ванхауте ,Лоде Ваност, Фани Каранфилова Пановска и Андреја Стојковски.
Поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере вели дека Македонија се наоѓа во бесконечна агонија и повика на итни мерки од меѓународната заедница за решавање на кризата. Избори на 5-ти јуни се невозможни и надвор од преговарачка маса. Наместо да ја решат политичката криза, тие само ќе ја влошат. Ова е главната порака која на денешната тркалезна маса организирана од Македонскиот Центар за европско образование ја пренесоа дел од меѓународните претставници. Ситуацијата во која се наоѓа земјава, поранешниот евроамбасадор во Македонија Ерван Фуере ја нарече бесконечна агонија, која политичката елита нема капацитет да ја реши.
Тој повика на итни мерки од страна на Европската унија и САД, како единствен можен начин за излез од кризата. „Тоа се разбира не и се допаѓа на владејачката партија и тие постојано инсистираат и се противат на вклученоста на меѓународната заедница. Владејачката партија и нејзините поддржувачи не сакаат да се занимаваат со идејата за меѓународно посредништво, но тоа е единствениот начин за решавање на актуелната политичка криза“, рече Фуере. Фуере истакна дека политичкиот дијалог е клучен за надминување на проблемите, но исто така истакна дека до решението не може да се дојде во затворена соба во која седат неколку претставници на политичките партии.
„Преговорите треба да се само во Македонија, но да се гарантира дека до решението на оваа криза ќе се дојде на целосно транспарентен начин, каде граѓанското општество ќе може да го даде своето мислење“, изјави Фуере.
Своето искуство од преговорите го раскажа и поранешниот медијатор на Европската унија во Скопје, Питер Ванхауте. Зборуваше за важноста на граѓанското општество во демократските општетства и нивната улога да ги пренесат пораките на луѓето до повисоките инстанци. Политичарите во Македонија се оддалечени од реалноста и од граѓаните, рече Ван Хауте.
„Силно верувам дека постои едн начин да се оди напред. Да, во одреден момент можеби ќе треба да се преговара. Но може да преговарате само со разумни луѓе и разумни партии, но и условите мора да бидат исполнети. Прво треба да се реши одлуката за аболиција на претседателот и неговата функција. На крајот на краевите, вие имате право на одговорни и отчетни политичари. “ И Ван Хауте посочи дека изборите на 5-ти јуни се далечен сон кој нема да успее.
„Можам да потврдам од информациите кои ги имам денеска дека избори на 5-ти јуни се сон, далечен сон кој нема да се реализира. Немојте да го правите тоа, тоа не е опција. Условите за фер натпревар не се спроведени. Затоа избори на 5 ти јуни се невозможни“, рече Ван Хауте.
На тркалезната маса присуствуваа претставници на неколку невладини организации, кои ги повторија барањата на движењето „Протестирам“. Тие посочија дека сите граѓани кои секоја вечер се собираат на протести се сплотени и бескомпромисни во своите барања и немаат цел да се откажат додека не им бидат исполнети барањата. Повлекување на одлуката за избори на 5-ти јуни, одлуката за аболиција на претседателот Ѓорге Иванов, негова оставка, проширување на форматот на преговорите, формирање на преодна Влада се само дел од нивните барања.
извор: Радио Слободна Европа