За да ја поттикне и да ја засили јавната дебата за нужноста од кредибилен и релевантен попис на населението и ажуриран избирачки список во кој граѓаните имаат доверба и кој претставува еден од клучните предуслови за фер, слободни и демократски избори, НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, организира дебата за тоа: „Каков избирачки список и попис ѝ сe потребни на Македонија?“
Дебатата ќе се одржи на 10 мај 2016 година, вторник, со почеток во 12 часот, во Младинскиот културен центар во Битола.
Дискусијата ќе ја модерира Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, а панелисти ќе бидат: Дончо Герасимовски, статистичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Горан Лазаревски од МЦЕО и Сашо Додовски од МКЦ.
На дебатата ќе се дискутира за актуелните прашања и предизвици поврзани со пописот и избирачкиот список: Кои се научените лекции од скорешниот процес на (не)прочистување на избирачкиот список? Зошто ДИК не успеа да профункционира како независна институција? Кои се можните начини за успешно прочистување или создавање нов кредибилен избирачки список? Дали е возможно прочистување на избирачкиот список без попис? Какви се постојните бази на податоци? Како Македонија може да добие веродостоен, функционален и кредибилен единствен регистер на граѓание? Каков попис треба да се спроведе и која е неговата реална временска рамка?
Настанот се реализира во рамките на проектот „Демографија – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.