Центарот за аудиовизуелни уметности (CaArts) заедно со граѓаните од Крива Паланка неколку месеци активно трага и истражува нови, потенцијални, алтернативни простори за културни настани во оваа општина.
Откривањето, односно мапирањето на нови простори за што повеќе нови културни настани во Крива Паланка е акција на здружението „Центар за аудиовизуелни уметности“ од Крива Паланка. Со досегашните истражувања од Центарот констатирале дека културните настани главно се одвиваат на неколку простори во градот и тоа: Градскиот плоштад, Плоштадот „Карпошово востание“ (пред зградата на општина Крива Паланка), ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура.
Со изградбата на новиот Градски плоштад е оформена и летна сцена во Градскиот парк (покрај кејот на Крива Река), каде што се реализираат некои од културните настани во летниот период. Сите тие простори претежно се наменети за големите и традиционални манифестации, како и за класичните културни изрази.
Недостигаат локации каде што ќе се одвиваат алтернативни форми на уметнички и музички настани, креативни индустрии и интервенции во просторот. Меѓу просторите е и новиот „ЕУ Хаус Крива Паланка“ и одредени културни активности се реализираат во неговата просторија. Сепак, тој простор е мошне мал и ограничен и мора да биде во согласност со програмските определби и организациските планови на ЕУ, констатирале од Центарот.
Од спроведена анкета (онлајн прашалник) на Центарот за аудиовизуелни уметности, произлегува дека граѓаните преферираат други места за културни настани, наместо вообичаените локации, каде што сега се одвиваат најмногу културните активности. Тие сметаат дека постојните локации треба да се надополнат со нови урбани содржини и да се адаптираат со изолација од околните звуци и метежи. Околу 60 отсто навеле дека Крива Паланка нема доволно места за културни настани, а најмногу недостасуваат локации за мултимедијални проекти, алтернативни и камерни настани, акустични настапи, театарски претстави од алтернативен карактер и сл.
– На Крива Паланка дефинитивно и недостигаат алтернативни простори каде што ќе се одвиваат најразновидни културни настани, а тоа да биде во согласност со видот на уметничкиот израз за да се перципира и за да се доживее на вистинскиот начин од публиката. Овие локации се потребни не само за презентација на алтернативните форми на уметност, туку и за обезбедување услови за творење на уметниците, особено од локалната заедница. Недостигаат галериски простор, мала концертна сала и други камерни простори за оваа намена. Во општината има повеќе алтернативни простори на отворено што би можеле да бидат уредени и ставени во функција на културата, додека поголем е проблемот со затворени простори, бидејќи нема доволно такви капацитети. За културните настани недостига и логистичка и техничка опрема, која ќе ги задоволи организациските, продукциски и програмски потреби за најразлични уметнички содржини – посочил Драган Величковски, етнолог, директор на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Во општината има повеќе неискористени локалитети што би можеле да се уредат и да се искористат за овие видови на културни збиднувања, а граѓаните веќе предложиле десетина алтернативни локации за културни настани, како Испосница на „Св. Јоаким Осоговски“ во село Градец, Црквата „Св.Никола“ во село Трново, градските парк, стадион, базен и пазар, училишниот двор и малата сала на ООУ „Јоаким Крчоски“, дворот на СОУ „Ѓорче Петров“, недовршената сала кај мотел „Македонија“ и други.
Историчарот на уметност и фотограф, Ѓорѓи Костовски, истакнува: „Доколку сакаме да ја развиваме културата, а особено алтернативната култура во Крива Паланка, мора да обезбедиме и соодветен простор за уметноста, да ја поттикнеме свеста кај публиката за поинакво чувство спрема настаните. Сега, главно, сѐ е сконцентрирано на класичните форми на изразување и граѓаните немаат многу можности за нешто поразлично. Затоа, алтернативната уметност треба да се стимулира заедно со класичните содржини и да се градат капацитети за авангардни форми, било да е театар, музика, мултимедијални настани, визуелна уметност. Треба да создадеме водечко јадро што нема да се чувствува потиснато, да мора да импровизира, туку, напротив, ќе биде носител на културните промени во општеството.“
Акцијата за мапирање на новите простори продолжува и во следниот период. Организатор на акцијата е здружението Центар за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“, кој го имплементира НВО „Инфоцентар“, со финансиска поддршка од Европската Унијa.
Автор: Тони Димков
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 150, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 октомври 2022)