Над половина граѓани на Република Северна Македонија ќе се вакцинираат против Ковид-19, а најпреферирана вакцина за нив е Спутник В. Ова се клучните заклучоци од Истражувањето на јавното мислење и ставовите на јавноста за процесот на имунизација од КОВИД-19 кое по барање на Владата беше направено во текот на март годинава.
Над половина од испитаниците на анкетата спроведена на репрезентативен примерок од 1100 граѓани или 51% одговориле дека ќе се вакцинираат против Ковид-19. Релиси 18% се уште не се одлучиле, додека 28% рекле дека нема да се вакцинираат. Резултатите од истражувањето се објавени на интернет порталот на Владата.
Според анкетата, најголема заинтересираност за вакцинација може да се забележи кај граѓаните на возраст над 50 години наспроти помладата популација. За разлика од повозрасните граѓани, една третирана од испитаниците на возраст од 18 до 39 години одговориле дека нема да се вакцинираат против Ковид-19.
На прашањето со која од шесте понудени опции на вакцини би сакале да бидат вакцинирани, 65% рекле дека тоа е Спутник В, за Фајзер се изјасниле 61% од испитаниците, а за Синофарм би се одлучиле 50% од нив. Другите три вакцини за кои што постои помала заинтересираност се Модерна со која би се вакцинирале 38% од испитаниците, потоа Џонсон и Џонсон со 36 проценти и најмалку преферирана е Астра Зенека за која се изјасниле 34 отсто од анкетираните граѓани.
Скептични од ефикасноста на вакцината половина од населението
Повеќе од половина или нешто над 50% од граѓаните рекле дека ќе се вакцинираат, но откако ќе добијат потврда за успешноста на вакцината. Подготвеност веднаш да се вакцинираат изразиле 42% од испитаниците.
Граѓаните сметаат дека спроведување на вакцинација на поголемиот ден од населението е исклучително и многу важно или 67%, а многу мал е процентот на населението кои смета дека вакцинацијата нема да донесе промени во однос на пандемијата, а тоа се 13%.
Приближно половина или 45% од граѓаните сметаат дека се информирани за процесот на вакцинација. Телевизијата е најчест извор на информирање (73%), по што следи интернетот(45%) и социјалните медиуми (36%).
На прашањето какви информации им се потребни на граѓаните пред да се вакцинираат, најголем дел од нив или 52% рекле дека тоа се нуспојави или несакани ефекти од вакцината. Потоа релевантен податок за нив е безбедноста на вакцината за која се изјасниле половина од анкетираните, а 43 отсто сакаат да знаат колкав период ќе бидат безбедни од вирусот по примената вакцина.
Околу две третини од граѓаните сметаат дека вакцинирањето треба да биде доброволно. Наспроти нив 33% сметаат дека треба да биде задолжително.
Според резултатите, 73% од испитаниците во моментот кога е правена анкетата немале прележано Ковид-19, ниту пак некој од нивното потесно семејство. Сепак, постои загриженост дека ќе се разболат од коронавирусот и ваков одговор дале 40% од испитаниците.
Се уште има граѓани кои не веруваат дека коронавирусот постои
Во постоењето на коронавирусот веруваат 86% од испитаниците, наспроти 11% кои не веруваат и 3% не знаат дали постои. Сепак, голем дел од тие што веруваат дека коронавирусот е вистински, се двоумат дали ќе се вакцинираат. Односно, 56% рекле дека ќе примат вакцина, 19% се уште не знаат, а 24% изјавиле дека нема да се вакцинираат.
Повеќе од една третина (37%) од испитаниците се согласуваат со најголемиот дел од мерките донесени од Владата за спроведување со Ковид-19. Најголемо задоволство од здравствените политики искажала популацијата на возраст од 60 до 69 годишна возраст.
Дури 75% од граѓаните одговориле дека целосно ги почитуваат здравствените мерки, како што се носење маска, држење дистанца и често миење раце. Само 13% од испитаниците овие мерки ги почитуваат во најголем дел, 4% делумно и 7% од граѓаните здравствените мерки ги почитуваат само онаму каде што мораат.
Помалку од половина од анкетираните или 44% се согласуваат дека Министерството за здравство успешно се справува со пандемијата, а една третина од испитаниците сметаат дека финансиската поддршка за фирмите за зачувување на работниците е најефикасната мерка на Владата.