Пописот на населението е исклучително значајна операција за една држава и тој ни оддалеку не се исцрпува со етничкото пребројување на населението. За статистичарите и демографите, пописот претставува најобемен и најсложена статистичка операција, која се спроведува според препораките на Обединетите нации (ООН) и Евростат. Пописот на населението се реализира на секои 10 години бидејќи станува збор за скап и сложен процес, за кој се потребни обемни подготовки и голем број учесници. Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни и реални податоци за населението, домаќинствата и живеалиштата. Податоците од пописот се користат за разни цели, но притоа се води сметка да се обезбеди континуитет на податоците и нивно споредување со податоци од други земји и со податоци од претходните пописи. Податоците за населението кои се собираат со пописот како на пример, пол, возраст, брачен статус, занимање, писменост, мора да бидат споредливи и со останатите земји.
Имајќи го предвид ова, Македонија мора да ги почитува препораките на ООН и Евростат. Како земја членка на Обединетите нации, Резолуцијата 2005/13, за нашата земја има обврзувачки карактер. Имајќи ја предвид стратешката определба на Македонија за членство во ЕУ и обврските за доставување податоци кон Евростат кои ги имаме како земја-кандидат, ЕУ регулативата 763/2008, иако, нема обврзувачки карактер секако треба да ја имаме предвид при планирање и спроведување на пописот.
Со други зборови, Македонија мора да спроведе попис. Неговото натамошното одложување штетно влијае врз угледот на државата, но уште повеќе го оневозможува планирањето и спроведувањето на успешни развојни политики во сите сфери на општеството. Без попис нема успешни политики во економијата, енергетиката, инфраструктурата, здравството, образованието, социјалата, руралниот и регионалниот развој, земјоделството. Исто така, пописот претставува и основен предуслов за реален избирачки список.
Спроведувањето на пописот на населението во Македонија не смее да остане заложник на политиката која оваа статистичка операција ја сведе на етничко пребројување односно на тоа, колку Македонци, а колку Албанци и други етнички заедници, живеат во Македонија.
За успешно реализирање на попис е потребна клима на доверба за која пак, е неопходна промена на поширокиот контекст на доверба во општеството. Најодговорна за спроведување на пописот е власта. Улогата на сите други засегнати страни, како на пример, опозицијата, граѓанското општество и медиумите, е важна, но е второстепена. Сите тие немаат одлучувачка моќ, туку, од нив може да дојде само јавниот притисокот, како и придонесот во создавањето на клима на доверба.
Затоа, за одржување на попис неопходна е политичката волја на власта, а потоа, јасна и прецизна законска рамка и секако, добра техничка подготовка и организација.
Во спротивно, Македонија и натаму ќе остане една од малкуте земји во светот без спроведен редовен попис на населението.
Во прилог е целосниот текст на анализата: Пописот е демократија, а не само етничка бројка (PDF)