Untitled

Анализа на резултатите од мониторинг на известувањето на медиумите 2016

на јул 27, 16 • од

Резултатите од истражувањето на медиумите за застапеноста и за квалитетот на истражувачките и на аналитичките новинарски текстови во Македонија покажуваат дека овие два жанра се многу малку застапени и неоправдано отсутни од медиумските содржини на традиционалните медиуми. Оттука, можеме да оцениме дека исклучително малата застапеност на истражувачките стории е дури и загрижувачка, ако се има предвид фактот дека истражувачкото новинарство е најмоќното средство што им стои на располагање на медиумите за заштита на јавниот интерес. Имено, денес и покрај глобалната инклинација на медиумите кон површност и сензационализам, длабоко се вкоренети очекувањата дека медиумите треба да бидат чувари на јавниот интерес...
Pin It

Home » Публикации » Анализа на резултатите од мониторинг на известувањето на медиумите 2016

Мониторингот на медиумите за проценка на квантитетот и на квалитетот на истражувачкото и на аналитичкото новинарско известување се спроведува во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“.

Основна цел на мониторингот е да обезбеди доволно, квалитетни и релевантни, информации за оцена на застапеноста и квалитетот на истражувачките и аналитичките новинарски текстови, како и за темите и областите на кои се однесуваат тие текстови.

Резултатите од истражувањето на медиумите за застапеноста и за квалитетот на истражувачките и на аналитичките новинарски текстови во Македонија покажуваат дека овие два жанра се многу малку застапени и неоправдано отсутни од медиумските содржини на традиционалните медиуми. Оттука, можеме да оцениме дека исклучително малата застапеност на истражувачките стории е дури и загрижувачка, ако се има предвид фактот дека истражувачкото новинарство е најмоќното средство што им стои на располагање на медиумите за заштита на јавниот интерес. Имено, денес и покрај глобалната инклинација на медиумите кон површност и сензационализам, длабоко се вкоренети очекувањата дека медиумите треба да бидат чувари на јавниот интерес.

Истражувачкото новинарство е механизам за обезбедување на одговорноста на властите пред пошироката јавност и за градење култура на отвореност и отчетност на носителите на власта. Кога законодавецот, правосудството, надзорните тела и институциите се немоќни пред моќниците на извршната власт или и самите се корумпирани, тогаш медиумите имаат уште позначајна улога во разоткривањето на злоупотребата на моќта.

Со малата застапеност на истражувачките и на аналитичките новинарски текстови во земјава, медиумите не придонесуваат кон заштитата на јавниот интерес и не успеваат да информираат за разни теми од важност за граѓаните, да бараат одговорност од властите и да имаат критички однос кон центрите на моќ. Впрочем, само со истражувачкото новинарство е можно да се разоткријат злоупотребата на моќта, корупцијата, кршењето на човековите права, неправилното користење на јавните пари итн. Згора на тоа, преку аналитичкото новинарство, кое комбинира аспекти на истражувачкото новинарство и на т.н. експланаторно известување, можно е на сложените општествени теми да им се даде смисла и да се стават во контекст за да ѝ бидат појасни на пошироката јавност.

Наодите од мониторингот на медиумите покажуваат дека најмногу анализи и истражувања има од темите економија, политичка криза и избори, што значи дека најголем дел од текстовите се на теми поврзани и поттикнати од актуелните политички случувања. Отсуствуваат или има многу малку анализи и истражувања на теми како животен стандард, здравство, невработеност, корупција и сл. Оттука, не може да се говори дека јавноста во земјата има доволно веродостојни и потврдени информации врз основа на кои може да донесува одговорни одлуки кога тоа се очекува од неа.

Наодите од мониторингот на медиумите кои укажуваат на тоа дека повеќе од половина од аналитичките и истражувачките текстови/прилози не се најавени на насловните страници или во ударните вести и не се објавени на почетните страници или во првите минути од вестите, водат кон заклучокот дека тие не се оценети како квалитетни, односно значајни за јавноста, или, пак, свесно не им е дадена носечка улога во вестите кои се пласирани на јавноста.

Сознанието дека само четвртина од истражувачките и од аналитичките написи се иницирани од самостојни истражувања на новинарите кажува дека доминантниот дел од овој тип написи се диктирани од дневни случувања или од настани надвор од влијанието на новинарите. Вистинската вредност на истражувачкото новинарство е токму во самостојноста на новинарите да отворат теми кои се непријатни за центрите на моќ и кои одредени групи имаат интерес да ги чуваат далеку од јавноста.

Дополнителен проблем е тоа што во анализираните истражувачки и аналитички текстови често отсуствуваат или не се докрај запазени професионалните новинарски стандарди, што овие содржини ги прави неверодостојни и нерелевантни.

Малиот број или дури непостоењето извори во дел од текстовите, застапеноста само на едната страна во приказната, неконсултирањето на засегнатата страна, отсуството на каква и да е потврда за тврдењето во анализата или истражувањето – сето тоа говори за непочитување на основните новинарски професионални стандарди каков што е балансираниот и фер пристап кон страните во приказната, односно консултирање и претставување на сите страни со еднаков и непристрасен пристап. Ваквиот начин на известување остава простор за злоупотреба и за манипулација на улогата на медиумите. 

Преземете го целосниот текст на анализата: Анализа на резултатите од мониторинг на известувањето на медиумите 2016

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top