Граѓанската организација Еко Живот, во соработка со НВО Инфоцентар, општина Кавадарци и локалните јавни претпријатија, во рамки на проектот „ Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво”, поддржан од шведскиот Меѓународен центар „Улоф Палме”, на 5 јуни 2019 година, Меѓународниот ден за заштита на животната средина, ја спроведе акцијата „Младите, активистите и општината заедно за почиста средина“.
Во акцијата за чистење на околината на езерото „Доне Попов“, на речиси 1000 метри надморска висина, во близина на Кавадарци, учествуваа над педесетина млади, активисти и претставници од општината и јавните претпријатија. Тие го собраа сметот насобран на омилената излетничка локација на кавадарчани и порачаа дека здравата и чиста околина е одговорност и на граѓаните и на институциите.
Пред почетокот на акцијата, учесниците присуствуваа и на „настава во природа“ односно на кратко предавање за тоа зошто е важна чистата животна средина и како можеме сите заедно да ја заштитиме од натамошно загадување.