Медиумите во Македонија се загрижени од начинот на кој се спроведуваат парламентарните избори и тоа пред се заради нивниот недемократски амбиент и загрозувањето на евроатлантските аспирации на државава. Поголемиот дел од новинарите сметаат дека предизборната камања претставуваше манифестација на вербална, но и вооружена агресивност на учесниците во изборниот процесот, со цел да предизвикаат страв и несигурност кај граѓаните. Острицата на критиката најчесто е упатена до албанскиот политички блок, со акцент дека насилството сериозно може да ја наруши стабилноста на државата. Дел од медиумите упатуваат критика и до Министерството за внатрешни работи, затоа што ангажираше огромен број полициски сили и притоа не се снајде баш најдобро во деликатната изборна ситуација.
ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“, до крајот на изборната кампања, ја задржаа медиумската предност којашто ја имаа во текот на целиот предизборен период. Доминацијата во медиумскиот простор воспоставена преку коалицирањето на партиите чиишто лидери се сопственици на медиуми продолжи и во овој период. Обемното присуство на техничката влада и нејзините постигнувања и успеси во вестите на јавниот ТВ-сервис само дополнително ја потврди медиумската предност и доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ. Некритичкиот и речиси пропагандистички однос спрема оваа коалиција и Владата, пак, беше најзастапен во оние медиуми чии сопственици се лидери на партии – непосредни учесници во коалицијата.
Ова се резултатите од третиот извештај на „Медиумско огледало – Парламентарни избори 2008“, програма за квалитативно набљудување на медиумите во Македонија, што го спроведува НВО Инфоцентарот. Мониторингот го опфаќа периодот од 26 до 31 мај 2008 година и се однесува на 12 печатени и електронски медиуми ( Вечер“, „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Коха“, „Шпиц“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“, ТВ „Сител“ и ТВ „Алсат-М“).
„Медиумско огледало-Парламентарни избори 2008“ , извештај бр.3 (556KB)