НВО Инфоцентарот во рамките на програмата „Медиумско огледало“ спроведува квалитативно набљудување на медиумите во контекст на Парламентарни избори 2006.
Мониторингот ја анализира позиционираноста на медиумите во однос на изборните кампањи на политичките субјекти: коалициите „За Македонија заедно“ и „За подобра Македонија“, ДУИ, ДПА, НСДП, ВМРО-НП, ДОМ, ЗНП и ПЕО.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Вест“, „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“(вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Според вториот извештај кој го покрива периодот од 17 јуни до 8јули 2006 година:
- Во анализираниот изборен и пост изборен период, коалицијата „За Македонија заедно“, ја немаше медиумската наклонетост, карактеристична за коалицијата „За подобра Македонија“. Начинот на кој поголемиот дел од медиумите ја третираа „За подобра Македонија“ и особено лидерот Никола Груевски, на оваа коалиција и обезбеди позитивна слика во јавноста. Материјалите посветени наВМРО-ДПМНЕ, често беа во контекст на засилување на генералните насоки и тенденции за поддршка на опозицијата, од една, и намалување на популарноста (кај некои медиуми дури и деградирање) на власта, од друга страна.
Карактеристично за повеќето медиуми, во овој период, беше и тенденцијата, Никола Груевски да биде третиран исклучително позитивно, а Владо Бучковски да биде главно критикуван. Кај некои медиуми, позитивното вреднување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е доведено безмалку до ниво на идолатрија. Негативниот однос кон лидерот на СДСМ, пак, ги помина границите на политичка дисквалификација и премина во персонална димензија.
- Во медиумскиот третман на ДПА, во еден период, анализата забележа необична ситуација: два медиума на македонски јазик беа на страната на ДПА, отворено навивајќи за неа. Додека во истиот момент, ниту еден медиум на албански јазик не ја фаворизираше оваа партија. Ова се случуваше во деновите по одржувањето на изборите, кога медиумите ги следеа, но, и интерпретираа коалициските комбинаторики.
Медиумско огледало, јули 2006 – PDF верзија (388KB)