НВО-Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование, во рамките на програмата „Медиумско огледало“, во периодот од 11 до 14 декември, спроведоа мониторинг за начинот на кој медиумите ја информираа македонската јавност за работата на Советот за општи работи на Европската унија, кој во овој период ги усвојуваше заклучоците за политиката на проширување.
Анализата покажа дека генерално, медиумите исходот односно заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија, ги протолкуваа како неуспех, бидејќи Македонија остана „без датум и скрининг“. Новинарите информираа дека во текот на преговорите на претставниците на државите членки на ЕУ околу заклучоците, спорни биле сите точки кои се однесуваат на Македонија, освен онаа со која се нотирал нејзиниот напредок, а која била прифатена од сите држави членки.
Медиумите го пренесоа и толкуваа, според нив, најспорниот заклучок на Советот, кој во оригиналниот текст гласи:
„Со оглед на евентуалната одлука на Европскиот совет за отворање на преговори за членство со Поранешната југословенска Република Македонија, Советот, врз основа на извештајот што ќе биде презентиран од страна на ЕК пролетта во 2013 година, ќе го испита спроведувањето на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и преземените чекори за промовирање на добрососедските односи и постигнување на компромисно и взаемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН. Во оваа перспектива, Советот ќе го оцени извештајот во текот на следното претседателство со Унијата. Под услов оценувањето да биде позитивно, Комисијата ќе биде поканета од страна на Европскиот совет 1. без одлагање да достави предлог за рамка за преговори со Република Македонија, во согласност со Европскиот совет во декември 2006 година и воспоставената практика и 2. да спроведе процес на аналитички преглед на законодавството на ЕУ на почетокот со поглавјата за судството и основните права и правда, слобода и безбедност. Советот ја зема предвид намерата на Комисијата да ги спроведе сите неопходни подготвителни работи во овој поглед (з.а. преводот е преземен од медиумите).
Провладините медиуми информирајќи за заклучоците на Советот, претпочитаа да даваат негативни оценки и поттикнуваа негативна атмосфера, додека оние кои критички ја опсервираат работата на Владата, потсетуваа дека уште порано предупредиле на неоправданото подигнување на очекувањата на јавноста за можноста Македонија да добие датум за започнување на преговорите со ЕУ. Заедничко за сите медиуми беше уверувањето дека заклучокот на Советот претставува услов – Македонија да го реши името – за да може да започне пристапни преговори со Унијата. Затоа, медиумите, барем во периодот кој е опфатен со овој мониторингот, не посветија внимание на укажувањата дека текстот може да се интерпретира како поволен за Македонија односно на поинаков начин од оној кој го наметнаа претставниците на власта во државава.
Дел од медиумите, сепак ги идентификуваа разногласијата во толкувањето на исходот на Советот. Така, јавноста дозна дека според Секретаријатот за европски прашања „европските аспирации станале реалност“, како и дека вицепремиерката Теута Арифи и нејзината партија ДУИ, на ова гледаат позитивно и нотираат напредок на Македонија кон започнувањето на преговорите со ЕУ. Интересно е што во периодот по објавувањето на Извештајот за напредокот, токму претставниците во Владата од ДУИ беа поумерени во пораките, наспроти победничката перцепцијата која ја создаваа останатите претставници на власта со тврдењето дека Македонија го добила најпозитивниот извештај до сега.
Исто така, медиумите го нотираа тврдењето на анонимни извори од Европската комисија дека решавањето на името не е услов за започнување преговори, но не им посветија посебно внимание на ваквите ставови. Наспроти тоа, во јавноста своето разочарување од исходот го изразија владејачката ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски и делумно министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Дел од медиумите не го криеја разочарувањето и коментираа дека се случила „инквизиција врз македонскиот идентитет“, како и дека „Македонија ќе влезе во ЕУ кога Александар ќе стане Грк, а Гоце Делчев Бугарин“. Колку за споредба, токму претставниците на власта и провладините медиуми, во периодот пред и после објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во 2012 („Во ИМЕТО на датумот“), интензивно ги подгреваа очекувањата на јавноста и промовираа триумфализам, кој доколку се покаже неоправдан може да предизвика нов бран евроскептицизам, па дури и еврофобија.
Преземете го целосниот текст од анализата.
Медиумско огледало: Тримфализам престорен во разочарување (296KB)