Разрешувањето на неколку стотици носители на јавни функции во државните институции, беше потег кој наиде на претежно негативни реакции во медиумите. Поставувањето на некои од новите кадри е оценето како непотизам [на пример, назначувањето на Сашо Мијалков, братучед на Премиерот, на функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК)]. И медиумите на албански јазик негодуваат во врска со кадровската политика на новата влада, поради „запоставувањето на кадрите Албанци во третиот ешалон на власта“.
Во медиумите на македонски јазик и во медиумите на албански јазик присуствуваат оцени според кои „е погрешна владината позиција за давање предност на економската платформа доколку таа предност е за сметка и занемарување на грижата за меѓуетничките односи“.Некои медиуми, пак, оценуваат дека „политиката на Владата е насочена кон рестриктивно третирање на Рамковниот договор, иако,декларативно и институционално, го поддржува Договорот“.
Ова се само дел од констатациите на најновиот извештај на „Медиумското огледало“, во рамките на квалитативниот мониторинг на медиумите, кој беше фокусиран на тренасферот на власта и односите на Македонија со соседните држави.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Вест“, „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Медиумско огледало Бр.13, август-септември 2006 – PDF верзија (353KB)