Медиумите и јавноста повеќе ги радува финансискиот аспект на интеграцијата во Европската унија, отколку тоа, дали и како, Македонија ќе се развие во добро уредена држава и стабилно општество под влијание на евроинтеграциските процеси. Оваа констатација може да се извлече од квалитативната анализа за начинот на кој известуваа највлијателните македонски медиуми, во ноември годинава, пред и непосредно по добивањето на позитивниот одговор од Европската комисија.
Едновремено, мониторингот „Медиумско огледало“, кој редовно го спроведува НВО Инфоцентарот, забележува дека во минатиот месец, националните ТВ концесионери и дневните весници, имале тенденција да ги презентираат информациите пред нивното официјализирање, да прогнозираат настани врз основа на претпоставки и претпоставени факти, да анализираат можни идни хипотетички ситуации и да презентираат виртуелна реалност од блиската иднина.
Медиумите во своето информирање за актуелните политички и општествени настани, теми и процеси, и натаму го задржуваат шпекулативниот пристап. Иако, шпекулативноста на објавените информации не ретко се релативизира со забелешката дека се тоа неофицијални прогнози, ова не го анулира фактот дека сепак, станува збор за шпекулации.
Набљудувањето на медиумите покажува дека често пати, кога станува збор за настан односно тема во која има две или повеќе засегнати страни, изворите од едната страна се прецизно наведени, додека изворите од другата страна се непрецизно именувани и тие не се цитирани туку се само интерпретирани. Забележани се и случаи кога медиумите информират еднострано односно не го прошируваат кругот на изворите на информации со засегнатите актери и притоа, не наведуваат дали имало обид за контакт со нив.
Интегралниот текст на ноемврискиот извештај од мониторингот на медиуми ќе го најдете подолу, во PDF верзија.
Медиумско огледало, ноември 2005 – PDF верзија (534KB)